Во Националната установа Центар за култура, Крива Паланка беше отворена ретроспективната изложба на театарски плакат и фотографии од Меѓународниот театарски фестивал св.Јоаким Осоговски.
На изложбата се претставени фотографии од сценските изведби од изминатите девет фестивалски изданија, плакатите чијшто автор е Величковски и фотографии од досегашните лауреати.
- Аплаузот со кој ме отпоздравивте е завет и обврска за мене да продолжам да бидам визуелен творец на сите фестивалски активности. Заедно со Антонио Давитковски го донесовме пред 10 години плакатот во овој град, а оттогаш досега создадов шеесетина плакати на разни манифестации. Благодарност до ЛУ Градски музеј што ја чува сета моја збирка плакати, продолжуваме да графиме историја на културата во Крива Паланка, рече авторот Величковски.
Според Гоце Ристовски, театарски критичар, театролог и публицист, театарската фотографија и плакат како посебен уметнички израз му се својствени на фотографот и графички дизајнер Стојанче Величковски кои овековечиле многу мигови од богатата театарска програма, зачувувајќи ги за идните генерации.
- Величковски е фотограф, дизајнер, хералдичар, коавтор на грбот на претседателот на РМ, на МПЦ, на грбови и знамиња на повеќе општини...Тој е хроничар на времето оставајќи ни моменти со соодветна композиција, игра на бои, мајстор е на фотографијата, редок капацитет не само во македонски, туку и во пошироки рамки, рече Ристовски.
Величковски е и планинарски водач, започнува со фотографирање на убавините на планината, подоцна слика и спортски, фолклорни, културни и секаков друг вид на настани, станувајќи своевиден хроничар во општината и поширокиот регион. Особено значајни се и истражувањата што ги прави во сферата на експерименталната фотографија, а фотограмите се негов предизвик. До сега имал повеќе самостојни изложби во земјата и странство, а негови фотографии на платно се наоѓаат во повеќе државни институции и приватни колекции во земјава и странство.
Тој е автор и на меѓународната планинарска трансферзала „4м“, организатор на престижниот меѓународен конкурс за карикатура и манифестацијата „Невестинско поклонение“.