Репрезентацијата на Македонија ја започна втората фаза од претквалификациите за ЕП 2021 со триумф на гости во Косово. Екипата на Јорданчо Давитков вечерва излегува против Романија, која е нашиот втор противник во оваа групна фаза. Селекторот изјави дека мора да се има ист пристап како на мечот против Косово, ако сакаме победа, а со тоа да бидеме чекор поблизу до следната фаза. - После првата победа очекуваме уште една на вториот натпревар од оваа фаза. Ги скениравме Романците овие неколку дена, станува збор за физички, атлетски подготвена екипа, технички не се толку потковани. Во секој случај, ние мораме да одиграме максимално ако сакаме да победиме. Се надевам дека ќе одиграме одбрана слична како во Косово, дека нападот ќе биде подобар и дека со победа ќе бидеме поблиску до следната фаза, потенцира селекторот Давитков, цитиран од МКФ. Натпреварот ќе започне во 18:15 часот и ќе се одигра во„ВИП“ арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“. Билетите се пуштени во продажба по симболична цена од 100 денари.