Македонски Телеком денеска го реализираше првото 5G демо во земјата, како чекор кон воведувањето на оваа технологија во Македонија, која ќе овозможи технолошки напредок на општеството и многу нови функционалности за корисниците.
Првпат во регионот, измерена е брзина преку мобилната мрежа, која е за над четири пати поголема од брзините на пренос на податоци на 4G мрежата.
-Денес ја измеривме најголемата брзина досега, иако брзината не е главната придобивка од 5G технологијата. Овој нов технолошки стандард ќе го смени не само начинот на кој комуницираме туку и начинот на кој живееме. Денес, покажавме дека одиме во чекор со европските земји, ги поставивме основите, ја демонстриравме неверојатната брзина на 5G. Но ова е само почеток, ќе продолжиме да инвестираме и да ја надградуваме мрежата за да бидеме подготвени за комерцијалниот старт, изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком.
Мрежата на петтата генерација не само што ќе донесе огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и комуникација во реално време туку целосно ќе го смени начинот на кој што функционира нашето општество: Интернет на нештата (Internet of Things) ќе стане реалност (дронови, роботи), ќе живееме во паметни домови и паметни градови, ќе возиме паметни автомобили, а ќе имаме придобивки и во медицината, образованието, бизнисот.
5G технологијата ќе почне да се имплементира во Европа од 2020 година, а целосна имплементација со сите нејзини напредни функционалности се очекува во периодот по 2025 година.