Шефот на Ред Бул Кристијан Хорнер го предупреди актуелниот светски шампион во Формула 1 и лидер во генералниот пласман Луис Хамилтон дека неговиот најголем конкурент, Себастијан Фетел, нема да се откаже од титулата, иако заостанувањето е огромно.
Ѕвездата на Мерцедес направи разлика од 40 поени пред Фетел од Ферари по победата во Гран При на Сингапур, каде Фетел заврши на третото место. Со шест трки до крајот, задачата на германскиот пилот станува исклучително тешка.
- Обично Себ е многу добар, кога е под напон, изјави Хорнер, со кој Германецот во Ред Бул ги освои сите свои 4 светски титули.
Тој дефинитивно смета дека Фетел нема да се предаде.
- Тој и претходно заостануваше со 40 поени, мислам дека беше во 2012 година. Тој очигледно ќе биде разочаран ако загуби од Луис во овој натпревар. Автомобилот на Ферари е многу брз. Има уште 6 трки до крајот, што значи можни 150 поени. Се може да се случи, но водството на Луис не е мало. Се чини дека тој сега командува со парадата. Само треба да биде постојан до крајот на годината. Битката ќе биде тешка за Фетел, додаде Хорнер.