Самсунг официјално го претстави својот нов предлог од средна класа на пазарот на смартфони, наречен Галакси А7 (2018). Најинтересната карактеристика е тројната задна камера која првпат ја гледаме во уред од популарната серија на компанијата. Елегантниот дизајн е дополнет со голем број на премиум карактеристики и перформанси кои се типични за скапите Галакси паметни телефони, но уредот ќе се продава по многу попристапна цена. Самсунг Галакси А7 (2018) работи со Андроид 8.0 Орео. Новиот паметен телефон има шестинчен Супер АМОЛЕД дисплеј со Фул ХД плус резолуција од 2220х1080 пиксели и се напојува со осумјадрен процесор со брзина од 2.2 гига херци, информира „Андроид Ауторити“. Целосната големина на Самсунг Галакси А7 (2018) е 159.8х76.8х7.5 милиметри со тежина од 168 грама. Корисниците ќе можат да избираат помеѓу конфигурациите кои нудат 4ГБ/ 6ГБ РАМ и 64ГБ или 128ГБ вградена меморија. Сепак, најинтересниот елемент на уредот е тројната камера во задниот дел. Oсновниот сензор е со 24-мегапикселна резолуција и е надополнет од 8МП „Ултра вајд“ објектив со широк агол на гледање од 120 степени и 5МП (ф/2.2) „Деп Ленс“ камера. Љубителите на селфи фотографии ќе можат да уживаат во предниот сензор од 24 мегапиксели. Функцијата „Интелиџент скен оптимајзер“ автоматски ја коригира бојата, осветленоста и контрастот за максимално реални и квалитетни слики. Но, се уште не е позната цената на европскиот пазар.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 20:30