Делегација од Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката Елеонора Петрова - Митевска, присуствуваше на богослужба по повод празникот „Рождество на Пресвета Богородица“ во манастирот Света Богородица во село Матејче.

Петрова-Митевска истакна дека Управата за заштита на културното наследство повторно ќе ги иницира сите свои правни механизми за прогласување на црквата посветена на Света Богородица во село Матејче за културно наследство во опасност.

На одбележувањето на празникот присуствуваа голем број верници, како и градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, се наведува во соопштението од Управата.

Храмот посветен на Света Богородица, лоциран над селото Матејче, е една од најмаркантните цркви создадена во средновековниот период. Сместена на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, црквата во манастирот Матејче ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија.

Манастирската црква е изградена во 14. век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале. Црквата Света Богородица во Матејче во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14. век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2018 13:32