Во рамки на манифестацијата „Демир Хисар - град на култура 2018“ вечер во фоајето на Домот на културата во Демир Хисар ќе биде отворена самостојна изложба на уметникот Перица Георгиев - Пепси. На изложбата ќе бидат прикажани 20 слики од мал формат без одредена тематска определба. - Експресивни по употребата на боите и апстрактни по содржина каде предметното е сведено на асоцијативно препознавање. Некои од изложените дела наликуваат на имагинарни пејзажи од галактичкиот простор, некои пак на пејзажи произлезени од бајките насликани во виолетово и златно во кои проблеснува нетварнатасветлина, додека пак некои се движат кон чиста апстрактност, вели Јасмина Котевска историчар на уметност. Перица Георгиев - Пепси е роден во Скопје 1957 година. Завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје во 1987 година. Член е и еден од главните подвижници на уметничката група „ЗЕРО“ активна во средината на 80. година на македонската уметничка сцена. Сега живее во Бугарија и ова е негова прва самостојна изложба во Македонија. Изложбата ќе биде отворена до 1 октомври.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2018 11:48