Авторката Гордана Хаџи Николова Малашев за скулптурата реализирана во дрво „Девојката од друга планета“ е добитник на наградата посветена на мајсторот на современата македонска ликовна уметност, Владимир Георгиевски.

Наградата, што ја доделува Здружението за култура „Транзен“, се состои од парична награда од 30 илјади денари и симболична минијатура - златен лист. Наградата се доделува во рамки на ликовниот проект „Жената како модел во ликовната уметност“, на кој оваа година се застапени дела на дваесет ликовни уметници,

- Скулптурата на Гордана Хаџи Николова Малашев исклесана во дрво, е дело со моќна и убедлива стилизација која потсетува на експресивната искреност и магиската моќ од примитивните праскулптури. Тотемска скулптура исклесана во стебло. Налик на скулптурите кои Гоген ги работеше во својот егзил на Тахитите, каде бегајки од лицемерната цивилизација и западниот канон, тој целосно се посвети на домородната уметност на автентичните народни творештва. Главните атрибути се позлатени со што се истакнува нивното магиско дејство, стои во обрзложението на жири-комисијата Љупка Галазка Василев, ликовен уметник и педагог, Васил Михаил, актер и режисер и Никола Пијанманов, ликовен уметник.

Делата на учесниците на конкурсот ќе бидат претставени на изложбата што ќе се одржи во Галерија Музеј Струмица на 5 октомври. На неа ќе учествуваат уметниците: Владимир Лукаш, Зоран Кардула, Дамјан Ѓуров, Ване Костуранов, Ниче Василев, Гергана Ѕингарова, Верица Арапова, Славица Милева, Вангел Срнаков, Тони Попов, Гоце Илиевски, Владимир Илиевски, Гордана Хаџи Николова Малашев, Мирјана Крстева Масети, а вон конкуренција ќе бидат изложени делата на Атанас Мучев, Бранко Кончалиев, Момчило Петровски Момо, Стојан Пачов и Љупка Галазка Василев.

Изложбата и откупот на делото е дел од проектот на Здружението за култура Транзен - Родовата димензија во културата, финансиски поддржан преку Г1 програмата на општина Струмица.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2018 15:26