Осумдесетина млади играорки и играорци, членови на културно-уметничкото друштво „Карпош“ од Крива Паланка беа дел од денешната ревија на автентични, оригинални носии од Криопаланечкиот крај и регионот.

Настанот се одржа пред платото на Локалната установа градски музеј, Крива Паланка, а истиот е дел од проектот „Потенцијалите на автентичните народни носии и уникатниот фолклор“ кој КУД „Карпош“ го имплементира со финансиска подршка од локалната самоуправа на општината во рамки на програмата за финансирање здруженија и граѓански организации за 2018 година.

- Во ковчезите на нашите баби се уште можат да се најдат автентични парчиња облека, дел од шеснаесетте носии во општината, кои за жал, се во ограничен број. Целта и мисијата на КУД „Карпош“ е да ги заштити тие малку останати оригинални парчиња од непроценливо духовно и културно-историско наследство, да ги оживее, реактуелизира, преку ваквите настани и манифестации, како сведоци на богатиот бит и фолклор кои го одликуваат нашето поднебје, изјави Миле Николовски, претседател на КУД „Карпош“.

На настанот продефилираа млади вљубеници во фолклорот и традицијата, но и повозрасните-ветерани до друштвото, а публиката уживаше и во изведбите на: „песни и игри од источна Македонија“, „Шопски игри“, „Пијанец“, „Заврзлама“, „Мори Маро дилиндаро“ и други.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2018 15:47