Со гласање „ЗА“, според Договорот од Преспа го задржуваат нивниот идентитет, заспиваат како мала држава на Балканот, а се будат како членки на НАТО, вели Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, во интервју за грчката телевизија Скај, давајќи негова процена во пресрет на референдумот во Македонија.
- Мотивот да се гласа „ЗА“ е многу голем. Затоа што со Договорот од Преспа, прво го задржуваат она што го вели Заев. Името, националноста и јазикот. Односно нивниот идентитет. И второ, добиваат интеграција во НАТО и позитивна перспектива за интеграција во Европската унија. А прашањето, секако е што добива Грција. Ако не гласаат „ДА“, ако гласаат со „НЕ“ ќе биде многу интензивна потврда дека во оваа земја е длабоко вкоренет национализмот и иредентизмот, бидејќи ако овие големи мотиви, овие вистински промени во нивните животи, ќе заспијат како мала држава на Балканот и ќе се разбудат како член на НАТО. Ако во Скопје го игнорираат ова и гласаат „НЕ“, тогаш доаѓа потврда за долгогодишната загриженост на Грција за тоа како стојат работите во оваа земја, рече Кумуцакос.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, одговорниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија, во интервјуто го повтори ставот на Нова демократија дека договорот е штетен поради прифаќањето на македонски јазик и македонска националност и дека нема да гласаат за ратификација во грчкиот парламент.