Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска изјави дека е дојден моментот претставниците на владејачката коалиција на државно ниво конечно да се изјаснат кој е власт во таа земја, избраните претставници на народот или високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит.

Ние сме или Шмит? Ако сме ние, како легитимно избрани претставници на народот, тогаш сите мора јасно и недвосмислено да ги отрфлат наметнувањата од секаков вид. Никој веќе нема луксуз да молчи, напиша Додик на социјалната мрежа Икс.

Ако тоа е Шмит, се поставува прашање за што служат договорите и средбите на политичките претставници на владејачката коалиција на државно ниво? „Тогаш Шмит нека ги носи сите закони, сите одлуки, нека преговара со Европската унија (ЕУ). И ова не е каприц на РС, ова е одбрана на основното достоинство“, рече Додик.

Тој понатаму рече дека „нема да биде соучесник во прекршувањето на Уставот и Дејтонскиот мировен договор, што го прави неовластен поединец – странец“.

„Никогаш не сум го прекршил Уставот и јас сум единствениот човек во историјата на кој му се суди бидејќи го почитувал и постапил според Уставот“, нагласи Додик.

Според него, време е бошњачките политичари „да излезат од менталниот склоп на слушање на другите и служење на другите, а не на својот народ“.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2024 16:32