Претседателот на косовското Собрание Кадри Весели изјави дека работи посветено на обединувањето на силите меѓу политичките партии, бидејќи, како што вели, „соочувањето со Србија и победата над неа треба да го обедини политичкиот спектар на Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели во интервју за агенцијата Косовапрес вели дека под „победа над Србија“ подразбира „нејзино спречување во претензиите за дестабилизација на регионот и предизвикување конфликти“. Тие намери на Белград, според првиот човек на косовскиот Парламент, можат да се видат од говорот на српскиот претседател Александар Вучиќ во Косово, каде што тој, според Весели, „ги промовираше геноцидните српски политики“.

Весели вели дека ќе се труди да ги седне заедно на маса сите лидери на партиите на Албанците, како што тоа го направи во случајот со демаркацијата на границата со Црна Гора, за што, според него, претходно непотребно беа изгубени три години.

Тој се надева дека, како што беше постигнат консензусот за решавање на спорот со Црна Гора, исто така ќе се постигне консензус за процесот на дијалогот со Србија.

Парламентарниот спикер и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК) го повтори ставот дека Косово е единствено и дека нејзиниот територијален интегритет нема да биде повреден.

Исто така, тврди Весели во интервјуто за Косовапрес, Косово нема да го повреди територијалниот интегритет на Србија, иако, како што вели „сонува за обединување на Прешево, Медвеѓа и Бујановац“ со неговата држава.

Иако е дециден во заложбата за неповредливост на државните граници на Косово, Весели и во оваа прилика избегна директно да одговори дали ја поддржува идејата на претседателот на Косово и негов доскорешен партиски шеф, Хаим Тачи за „корекција на границите“ со Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2018 14:00