Поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид, Мичел Салгадо, верува дека „кралскиот“ клуб треба да направи голем трансфер во блиска иднина за да го замени Кристијано Роналдо. Португалската ѕвезда го напушти „Сантијаго Бернабеу“ по девет неверојатни години во шпанската престолнина и потпиша договор со Јувентус. Веднаш по заминувањето на Роналдо почнаа и шпекулациите за привлекување на ново големо име во Мадрид. Нејмар, Еден Азар и Килијан Мбапе беа најчесто споменуватите имиња за трансфер кај „белите“, но ниту еден од нив не потпиша со тимот. Сепак, Салгадо е убеден дека претседателот Флорентино Перез брзо ќе реагира во претстојните трансфер прозорци и ќе го создаде својот нов „Галактико“. - Сите зборуваат за трансферот на Кристијано, но мислам дека големата загуба за Реал ова лето беше заминувањето на Зинедин Зидан. Тоа беше големо изненадување. Тој си замина откако три пати ја освоивме Лигата на шампионите. Земајќи го Хулен Лопетеги, јасно е дека стилот на екипата ќе се базира на владеењето на топката. Ќе мораме да бараме поинаков начин да бележиме голови, откако го немаме Кристијано. Тоа е тешко и мора да реагира на пазарот, рече Салгадо. Италијанскиот шампион плати 117 милиони евра за да го обезбеди петкратниот освојувач на „Златната топка“, но легендарниот бек е убеден дека „белите“ ќе привлечат ново големо име. - Нејмар и Мбапе играат во ПСЖ и ќе биде тешко да се земат и двајцата. Но, знам дека претседателот ќе стори сé што е во негова моќ за да нè зајакне. Сигурен сум дека Реал ќе привлече големо име, заврши Салгадо. Роналдо постигна 450 гола на 438 натпревари за Реал Мадрид, помагајќи му на тимот да ја освои четири пати Лигата на шампионите во последните пет изданија на најпрестижниот клупски турнир на Стариот континент.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2018 21:05