Филмски циклус посветен на 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман (1918-2007) организира Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Шведска во Скопје. Ретроспективата ќе почне в петок од 20 часот со филмот „Лето со Моника“ кој Бергман го режирал во 1953 година по сценарио на Пер Андерс Фогелстрем. Според критиката, овој филм на Бергман ги навестил неговите подоцнежни тематски преокупации - анализа на психата на жените, по што станал препознатлив автор.
В сабота од 18 часот ќе биде прикажан шведскиот документарен филм од 2005 година „Островот Бергман“ во режија на Мари Ниреред. Документарецот е на шведската национална телевизија и е трилогија во која Бергман говори за неговата работа на филм, во театар и за островот Форе. Сите три документарни филмови се, главно, снимени во домот на Бергман на малиот остров во Балтичкото Море. Форе бил своевиден азил на Бергман, а режисерката Ниреред била прва документаристка што имала пристап во неговиот дом.
По проекцијата на документарниот филм, од 20 часот ќе биде прикажан култниот „Седмиот печат“ снимен во 1957 во кој Бергман е сценарист и режисер.
На 30 септември (недела) од 18 часот уште еден документарец за мајсторот на филмот - американскиот „Навлегувајќи во Бергман“ во режија на Јан Магнусон и Хинек Палас во кој учествуваат Томас Алфредсон, Вуди Ален, Вес Андерсон. Документарецот ги обединува кажувањата на, веројатно, најрепрезентативната група режисери, актери и сценаристи на денешнината, собрани во еден филм. Дел од соговорниците на Јан Магнусон и Хинек Палас доаѓаат на островот Форе, во домот на Бергман, каде што ги споделуваат личните впечатоци и размисли за него, а дел се снимени во местата низ светот каде што живеат и работат. Меѓу учесниците во документарецот се и неговите омилени актерки Хариет Андерсон и Пернила Аугуст, како и Френсис Форд Копола, Роберт де Ниро, Михаел Ханеке, Томас Винтерберг, Ларс фон Трир, Такеши Китано, Изабела Роселини, Мартин Скорсезе, Александер Пејн... Неделната вечер од 20 часот ќе биде прикажан и „Диви јагоди“ - авторски филм на Бергман од 1957 година. Оценет како репрезентативно дело на психолошкиот жанр, филмот го потврдил Бергман како еден од најголемите автори во светската кинематографија во втората половина на 20 век. Освои „Златен глобус“ за најдобар странски филм, БАФТА и „Златна мечка“ на Берлинале, а беше номиниран и за „Оскар“. Од 1-ви до 4 октомври со почеток во 20 часот ќе бидат прикажани уште четири познати остварувања во кои Бергман сценарист и режисер: „Персона“ од 1966, оценет како ремек-дело на филмскиот модернизам и како најекспериментално дело во опусот на Бергман (1 октомври); „Есенска соната“ од 1979 година, награден со „Златен глобус“ за најдобар странски филм, во кој ликот на Шарлота е последната филмска улога на Ингрид Бергман (2 октомври). На 3 октомври ќе биде прикажан „Фани и Александер“ од 1983, според многумина тестаментарно дело на Бергман, своевидна синтеза на неговите авторски преокупации. Филмот е делумно инспириран од неговиот живот и е добитник на четири Оскари - за најдобар странски филм, фотографија, костимографија и сценографија. На последниот ден од циклусот посветен на Бергман, 4 октомври, ќе биде прикажан последниот негов филм „Сарабанд“ снимен во 2003 година. Изворно е реализиран како телевизиски филм и продолжение, по три децении, на култната ТВ-серија „Призори од брачниот живот“.