Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во Њујорк изјави дека национален приоритет на Србија е постигнувањето на политичко решение за косовското прашање.
- Бранејќи го својот суверенитет и територијалниот интегритет, Србија го брани меѓународното право, Повелбата на ОН, зачувувањето на меѓународниот мир и безбедност, но и својот национален и историски идентитет, изјави Дачиќ во обраќањето на Самитот за мир, кој се одржа во чест на годишнината од раѓањето на Нелсон Мандела, во пресрет на 73-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ нагласи дека Србија искрено е посветена на мирот и на дијалогот, кој со посредстсво на ЕУ се води помеѓу Белград и Приштина, како и на имплеметацијата на постигнатите договори.
- Водејќи одговорна политика, ќе работиме интересите на нашиот народ, како и регионалниот мир и стабилност, да бидат заштитени. Придаваме посебно значење на делувањето на Мисијата на ОН на Косово и истакнуваме дека статусно неутралното присуство на УНМИК во несмален обем е од суштинско значење за стабилноста и создавањето на услови кои треба да водат во правец на трајно и одржливо решение за косовското прашање, истакна шефот на српската дипломатија.
Тој го осуди тероризмот и сите видови на екстремизам и радикализам кои го загрозуваат мирот и посочи дека Србија е подготвена преку водечката улога на ОН и со партнерите ширум светот да придонесе за сузбивањето на овие закани.