Република Македонија во 2019 година ќе биде домаќин на министерскиот Форум за културна соработка помеѓу НР Кина и останатите земји од Централна и Источна Европа, порача министерот за култура Асаф Адеми на синоќешната промоција на кинеската култура и гастрономија во Музејот на современа уметност во Скопје.

На настанот, организиран по повод одбележувањето на големиот кинески „Празник на средината на есента“, присуствуваше и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.

- Преку Координативниот центар, како и досега ќе настојуваме на што поефикасен начин да ја олесниме комуникацијата и соработката меѓу националните културни институции и организации од НР Кина, Република Македонија и земјите од ЦИЕ како и да дизајнираме алатки за нивно полесно вмрежување, координација и соработка, истакна министерот Адеми.

Настанот беше во организација на Министерството за култура на Република Македонија, преку Координативниот центар за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и со Амбасадата на НР Кина.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2018 13:52