Фестивалот „Млад отворен театар“ денеска на програмата ќе има две гостински претстави - „Болницата“ од Норвешка и „Над земја под облаци“ од Турција.
Во „Болницата“ на режисерот Јо Стромгрен од Осло три медицински сестри се обидуваат да го издржат недостигот од пациенти со тоа што се повредуваат и се закануваат една кон друга, изведувајќи ги своите должности врз себе како замена за вистинската работа.
- Ова е првата претстава на „Јо Стромгрен компани“ со целосен женски кастинг, што наиде на изненадување кај повеќето, поради навидум мажествениот имиџ на компанијата. Ваквиот избор донесе свежина и нова инспирација за театарот. Претставата стана силна потврда на филозофијата на компанијата за употребата на бесмислен јазик во претставите и локална естетика на секоја продукција, соопшти МКЦ за првата од двете денешни претстави на МОТ, која ќе почне во 20 часот во кино „Фросина“.
Од 22 часот во Универзална сала е 45-минутната претстава „Над земја под облаци“ во продукција на „Ентропи студио“ од Истанбул. Режисерката Ирем Ајдин ќе претстави перформанс за ефектите на тековните настани врз нашите секојдневни животи и како ја примаме трагедијата преку технологијата.
Тројца млади луѓе заробени во недефинирано место се борат со стравот од излегување надвор, наспроти нивната желба да го живеат животот целосно, додека нивното тело и свест се распаѓаат под сенката на неизбежните информации кои доаѓаат од дигиталните платформи.
- Не е само апстракција на состојбата на младата генерација во Турција сега, туку и на општата состојба на несигурност што сите млади луѓе ја споделуваат, наведува МКЦ за перформансот на Ајдин, која на 43. МОТ учествуваше и со претставата „Д Шииит“ во изведба на домашниот театар „Артопија“.