Eдна од најпознарите британски поп-рок групи, „Тексас“ в петок (28 септември) ќе одржи концерт на СРЦ „Кале“.

Гостувањето на шкотскиот бенд во Македонија кое првично беше најавено за јуни во рамки на „Скопје колинг“ го организира Авалон продукција. Групата на концертот ќе ги изведе нивните најголеми хитови, а ќе се претстави и со нумери од нивниот најнов студиски албум „Jump on board“ издаден минатата година. Како предгрупа ќе настапи македонската рок група „Ареа“.

Вокалот на групата, Шарлин Спитери на денешната прес-конференција во Скопје откри дека е прв пат во Македонија, но посака тоа да не е и последен. За земјата слушнала уште како мала од Евровизија и уште тогаш и се чинело дека тоа е мошне симпатично име. Но, вели нема навика да истражува претходно за земјите каде оди да настапува.

- Некои луѓе сакаат да истражуваат пред да заминат некаде. Јас сакам кога ќе заминам некаде да ги запознаам луѓето, да прашам од локалните луѓе што би препорачале да се види, каде да се одите, што да се прави. Да бидам искрена кога слетав тука добив текстуални пораки за тоа што да видам, кој Музеј, што не ми се случило никогаш досега при патување во која било земја. Така што тоа е новина, вели Шарлин која и покрај планетарната слава ги освои сите со нејзината природност и непосредност.

Својот приватен живот сака да го сочува за себе, но вели, и дека нејзиниот однос е секогаш ист без оглед дали е на сцена или надвор од сцената.

За еден од нивните најпрепознатливи хитови „I dont want a Lover“ од 1989 , настанат на почетокот од над 30-годишната кариера на бендот, вели дека е првата песна воопшто што ја напишала заедно со коосновачот на групата и нејзина сродна душа Џони Макелхон.

- И денес како 50-годишна жена делам исто верување дека не сакам само љубовник, или само пријател. Сакам се, целиот пакет, вели шармантната Шрлин.

Групата „Тексас“ е формирана во 1986 година во Глазгов, Шкотска од Шарлин Спитери како водечки вокал и Џони Макелхон. Досега има издадено девет студиски албуми, со над 40-милионски тираж. Во моментов одржува светска турнеја за промоција на последниот албум насловен „Jump on Board Live Tour“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2018 19:35