Американскиот пазар продолжува да биде важна цел за вториот по големина производител на смартфони во светот - кинескиот гигант Хуавеи. Компанијата се очекува да додаде уште 200 луѓе во својот американски тим. Минатата година Хуавеи беше многу блиску до договор со телеком операторот Eј-Ти-ЕндТи за продажба на смартфонот Mејт 10 во САД, но во последен момент партнерството пропадна поради интервенција на владата. Властите во САД препорачаа на локалните мобилни оператори да се воздржат од партнерства со кинеските производители на смартфони и телеком опрема со образложение дека компании како Хуавеи се занимаваат со шпионажа во корист на кинеската влада. Сепак, Хуавеи не се откажува од своите планови за освојување на американскиот пазар. Во моментов за компанијата таму работат 1.200 вработени, но во блиска иднина нивниот број ќе се зголеми за уште 200 лица, според кинески извори. Хуавеи е еден од пионерите во петтата генерација мрежна технологија и ветува дека ќе пушти паметен телефон со поддршка од 5G наскоро. Ова исто така го предодредува силниот интерес на компанијата за американскиот пазар, каде локалните телекоми се блиску до пуштање на употреба на 5G мрежите. Но, сето тоа зависи од волјата на владата на САД - дали е подготвена да го промени својот став кон производите на кинеските компании во услови на ескалацијата на трговската војна меѓу САД и Кина.