Во Виетнам почна погребната церемонија на претседателот Тран Даи Куанг, кој почина минатата недела на 61-годишна возраст од инфекција.

Жителите на Ханој излегоа на улиците да му оддадат почит на претседателот, кој подоцна денеска ќе биде погребан во неговото родно село на северот на земјата.

Тран беше министер за јавна безбедност на Виетнам пред да биде избран за претседател во 2016 година.

- Тој е заслужен за откривањето и спречувањето на многу заговори и саботажи на странските и реакционерните сили и други злосторници, изјави генералниот секретар на владејачката Виетнамска комунистичка партија, Нгуен Фу Чонг.

Тран сепак се смета за заслужен и за промовирањето на пазарни реформи во комунистичкиот економски модел на Виетнам и за подобрување на меѓународната положба на земјата.

По неговата смрт, вршител на должноста претседател на Виетнам стана потпретседателката Данг Ти Нгок Тин, која е првата жена што ја извршува оваа функција.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2018 10:54