За отворањето на театарската сезона 2018/2019, Македонскиот народен театар в сабота премиерно ќе ја изведе претставата „Еден месец на село“ според делото на Иван Сергеевич Тургењев, кое досега не е поставено во театар во Македонија. За овој повод текстот првпат доби и превод на македонски јазик од Катерина Коцевска која е дел од актерската екипа.
Оваа комично-тажна руска приказна првпат е изведена во 1872 година, а на македонската сцена ја поставува режисерот Паоло Маџели од Италија кој живее во Загреб. Со македонските театри (Драмски и МНТ) тој соработувал пред повеќе од 30 години. Новата премиера со екипата актери на МНТ ја подготвуваше од март.
На прес-конференција Маџели рече дека значењето на „Еден месец на село“ е во тоа што, заедно со „Војцех“ на Георг Бихнер, е дело што и става крај на романтичарско-натуралистичката визија на светот во литературата и ги поставува темелите на она што денес го препознаваме како експресионизам. Затоа, рече Маџели, тоа се смета за капитално дело на 19 век.
- Драматургијата следи една аритмија во дејството и таа е шизофрено организирана, но на еден убав начин, а тоа да се работи не е едноставно, истакна Маџели во врска со сложената драмска структура на претставата во која има интервенции и од драматургот Жељка Удовичиќ.
За авторот Тургењев, пак, Маџели рече дека се смета за еден од најголемите руски интелектуалци, често нарекуван и „револуционер со перо в рака“, прв руски писател преведен на Запад во огромен тираж. Она што со што го привлекол вниманието е „Приказна на еден ловец“ во кое го демаскирал руското општество, а тоа го „платил“ со домашен притвор од една година. Токму на тоа мирно место, на еден имот, Тургењев ја напишал „Еден месец на село“. Потекнувал од богато семејство, живеел во Германија, Франција и Италија и, рече Маџели, им помогнал на Достоевски и Толстој да ги платат коцкарските долгови.
- Тургењев не се борел само за друго општество, туку и за друга естетика. Него не го интересирал толку театарот, колку пишувањето на поинаков начин. И толку успеал во тоа што во Париз, каде што и починал, влијаел врз Зола, Флобер, браќата Гонкур и Мопасан. Тоа е човекот кој ги „убил“ романтизмот и натурализмот и вовел еден понапреден веризам, а поимот нихилизам во филозофијата се поврзува со Тургењев. Како што рекол Достоевски - бил многу убав, многу интелигентен, многу надарен, многу богат и многу арогантен. Значи, имал се што еден писател во тоа време требало да има, рече италијанскиот режисер.
Додаде дека неговите тосканци не се меланхолични, но дека не може да се помири што по три децении се враќа во Скопје. Овие месеци, рече, „во прустовски стил“ водел дијалог со себе за изгубеното време. Драго му е што повторно ги сретнал старите пријатели Горан Стефановски, Слободан Унковски, Синоличка Трпкова и Мето Јовановски, а жали што веќе го нема Ненад Стојановски со кого соработувал во 1980-тите години.
Во 1988 година Маџели во МНТ ја поставил „Црна дупка“ од Горан Стефановски. Актерката Катерина Коцевска, која во актерската екипа на МНТ е гостинка од Драмски театар, на прес-конференцијата рече дека првата соработка во Македонија Маџели ја имал пред 34 години со нејзиниот матичен театар - Драмски, каде ги режирал „Карамазови“ и „Тетовирани души“.
Покрај Коцевска, во актерската екипа се: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска. Сценограф е Лоренцо Банчи, а костимограф Мануела Паладин. Значајно место има музиката во живо компонирана од Љупчо Константинов.
Премиерата на „Еден месец на село“ се совпаѓа и со одбележувањето 200 години од раѓањето на Иван С. Тургењев на 9 ноември.