Косовската полиција попладнево го приведе пратеникот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Шкумбин Демалијај, обвинет, како и неговиот веќе уапсен колега Миљаим Зека од Иницијативата за Косово (Нисма), за закани врз обвинител на Специјалното обвинителство на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата за медиумите ја потврди заменикот обвинител во Основното обвинителство во Приштина Ибрахим Бериша.

- Пратеникот Демалијај е уапсен. Се очекуваат натамошните процедури, изјави кратко Бериша.

Пратеникот на партијата на премиерот Рамуш Харадинај е приведен заради закани врз специјалниот обвинител Елез Бљакај, кој пред извесно време поднесе оставка поради притисоци од политиката во врска со неговата истрага за лажните ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Бљакај оставката и обвиненијата упатени кон државни функционери и поранешни водачи на ОВК ги објави од САД, каде што отпатува за студиски престој.

Заканите врз Бљакај, Демалијај ги упати во телевизиско интервју, поради неговите тврдења дека во листите на ветерани на ОВК има голем број лица кои воопшто не учествувале во војната од 1998-99 година. Покрај заканите, пратеникот упати и низа навреди врз поранешниот обвинител, нарекувајчи го, меѓу другото, „кучкин син“.

Завчера за закани врз друг обвинител беше приведен пратеникот на партијата на вицепремиерот Фатмир Лимај, кому денеска му беше изречена мерка притвор во траење од 30 дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2018 20:15