Во Музејот на современа уметност денеска беше отворена изложбата насловена „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“.
Премиерот Зоран Заев истакна дека изложбата претставува уште еден настан кој изградил нов мост на соработка меѓу двете исклучително пријателски земји, Република Македонија и Република Италија.
- Италија е една од неколкуте земји во светот што на човештвото му подарија многу од најзначајните културни артефакти и вредности низ историјата на нашата цивилизација. Нема ниту една генерација која не била инспирирана од бесценетата исклучително богата културна ризница на Италија, нагласи Заев.
Посочи дека она што е специфично за оваа изложба е солидарноста, што произлегува од една од темелните вредности на Европската унија, а тоа е солидарноста.
- Солидарноста толку дарежливо искажана од дури двесте италијански автори кои во најтешките моменти од современата историја на Скопје, за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година, на нашиот главен град му подарија 340 дела, наведе Зеев.
Тој потенцираше дека уметниците знаат за солидарност и знаат дека еднаш поставени вредности остануваат трајна врска меѓу народите.
- Овие настани се само дел од богатата традиција меѓу македонските и италијанските уметници и културни дејци. Оваа соработка ги унапредува и останатите врски меѓу двете земји. Република Македонија и Република Италија редовно потпишуваат програма за соработка во областа на културата, образованието и науката. Ние сме взаемно среќни што на секое поле расте на нашата соработка, заклучи премиерот.
Кураторот на изложбата Бојана Јанева Шемова наведе дека изложбата се обидува да прикаже можни ликовни врски меѓу делата од италијански и македонски автори застапени во колекцијата во МСУ.
Оваа трансисториски конципирана изложба, заснована врз индивидуален кураторски избор, прави и извесни исчекори од модернизмот, следејќи ги подоцнежните дела од италијанската колекција според определени ликовни аналогии и контекстуализации. Во нив делата на места резонираат себеобјаснувачки и врската меѓу нив е брза и отворена, но за некои од нив е потребно попроникливо читање на тематската или стилската поврзаност.
Изложбата е дел од програмата на Музејот на современата уметност за 2018 година и е поддржана од Министерството за култура, Италијанска амбасада во Македонија и Еуролинк и ќе биде отворена се до 31 јануари, 2019 година.