Претставата „Луди за љубов“ од Сем Шепард, а во режија на Деан Дамјановски вечер премиерно ќе биде изведена во Драмскиот театар - Скопје, со почеток во 20 и во 22 часот.

Во едната премиерна изведба главната женска улога ќе ја игра Јана Стојановска, а во втората Благица Димитровска. Останатите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Анастас Тановски и Кристијан Светиев. Музиката е на Миодраг Неќак, сценографијата на Ѓорѓи Ѓорѓиевски, а костимите на Елена Вангеловска. Пиротехничар е Методија Најдоски.

Во претставата се работи за Еди - каубоец, родео јавач, авантурист, кој по многу време се враќа кај својата девојка Меј, која ја напуштил без да и објасни зошто. Во драмата има уште два лика, ликот на старецот и на младиот Мартин кој треба да излезе на состанок со Меј.

Се работи за камерна претстава што ќе се игра на малата сцена. Ќе има две премиерни изведби бидејќи за главна женска улога има две актерки кои се менуваат, тоа се Јана Стојановска и Благица Димитровска.

Според режисерот Деан Дамјановски, претставата е кратка, се игра во еден здив и трае еден час и 15 минути. Појасни дека тоа е сурова измачена љубовна драма меѓу двајца луѓе чии животи на некој начин се промашени.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2018 10:24