Јавното обвинителство во Приштина побара 30 дена притвор за пратеникот во косовското Собрание, Шкумбин Демалиај, кој беше уапсен вчера попладне поради закани врз обвинител, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обвинителот Реџеп Маќедонци, во кратка телефонска изјава за телевизијата КТВ, рече дека „има доволна основа за изрекување на мерката притвор“ за уапсениот пратеник.
Шкумбин Демалијај, кој е пратеник од редовите на владејачката Алијанса за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај, е обвинет за закани кон специјалниот обвинител Елез Бљакај, кој ја водеше истрагата за лажните ветерани на ОВК и поради притисоци поднесе оставка од САД, каде што отпатува на студиски престој.
Обвинителот Маќедонци, два дена пред приведувањето на Демалиај, побара апсење и 30-дневен притвор за Миљаим Зека, пратеник на другата владејачка партија, Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Љимај. Зека, кому вчера му беше изречена мерката 30 дена притвор, исто така е обвинет за закана кон друг специјален обвинител.