Во Музејот на современата уметност (МСУ) од вчера е поставена изложбата „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“ која се обидува да прикаже можни ликовни врски меѓу делата од италијански и македонски автори застапени во неговата колекција. На изложбата, која ќе може да се посети до крајот на јануари, претставени се дела од автори кои биле дел од првата постојана поставка на МСУ во 1970 година.

Куратор на изложбата е Бојана Јанева-Шемова, а синоќа на нејзиното отворање се обрати и Рикардо Пасони, директор на Галеријата на модерна и современа уметност во Торино. Во интервју за МИА Пасони зборува за впечатокот од изложбата во МСУ, за сличностите во делата на македонските и италијанските сликари, како и за актуелното во современата уметност во светот. Гостинот од Италија вечер од 18.30 часот во МСУ ќе одржи презентација на установата која ја раководи.

Италијанските дела од колекцијата на МСУ се претежно од 1950-тите и времето на солидарноста со Скопје, но се збогатувала и во следните декади. Што е особено за тој творечки период во италијанската ликовна уметност?

- Можеме да кажеме дека 1960-тите години се токму пресвртната точка во италијанската уметност бидејќи во нив се случува преминот од неформалната уметност или апстрактниот експресионизам, како што би рекле во САД, во новите јазици, како тие на новите медиуми на оптичката уметност или вклучувањето на новите материјали и новите концепти. Што се однесува до 1950-тите, тука всушност се претставени изразите на апстрактниот експресионизам како и изразите на знаковната уметност, знак во смисла на сликање (painting) поврзани со јазичното поедноставување но кои, исто така, имаат нов отворен пристап спротивно од реализмот. Автори како Гутузо, Мињеко, Греко продолжуваа да го поддржуваат како уметност која е соодветна за пошироката јавност и можеби е и идеолошки полна со предизвици.

На оваа изложба присутни се речиси сите автори од тие години, како Бури, Афро, Ведова, Еторе Кола во неформалниот дел, Капогроси и Санфилипо во делот на уметноста на знакот, присутен е и реализмот на Гутузо и Мињеко, потоа тука се и новите изрази на Џетулио Алвиани со оние метали кои создаваат оптичко искуство или со геометриските операции на Никола Карино и, исто така, поконцептуалните изрази на Лука Патела и слични автори.

Целта на изложбата е да ги открие паралелите меѓу македонските и италијанските автори. Забележавте ли слични мотиви и уметнички преокупации кај авторите-современици во двете земји?

- Да, секако, во смисла дека ова за мене беше едно вистинско откритие. Со оваа изложба целосно го открив концептот на македонската уметност, на директен начин со изложбата посветена на италијанската уметност на 1950-тите години реализирана во 1956/1957 во Скопје, како и во однос на информациите кои можеле да ги добијат од нашиот контекст - постои доста очигледен паралелизам.

Тоа многу добро можеме да го воочиме и од визуелна гледна точка во композицијата составена од од г-ѓата Јанева. Јас се согласувам особено за првиот, помалку формален дел. Со последниот дел таа се обидува да игра со малку посилни контрасти но, како и да е, да - постои контакт меѓу нив.

Галеријата на модерна и современа уметност во Торино постои 155 години и има водечка колекција во Италија во сферата на фотографијата и уметничките видеа. Како Галеријата ги збогатува своите збирки и како успева да го одржи нивото во земја која е синоним на уметноста и културното наследство?

- Можеби главниот аспект кој се однесува на нашиот музеј е што тој е во постојан пораст од гледна точка на уметничкото наследство. Тоа е така отсекогаш, од 1860 година со купувањето на првото уметничко дело. Сепак, Музејот е основан во 1863 година и оваа навика да се купуваат уметнички дела продолжила во 19 век на национално ниво. По Втората светска војна националната колекција прераснува во меѓународна. Оваа политика сè уште постои.

Првично музејот беше поддржан од градот Торино, но сега е дел од фондација во која градот е мнозински акционер. Преку финансиска поддршка од две здруженија - „Де Форнарис“ основано во 1982 година, со единствена цел да ја збогатува колекцијата на нашиот музеј, и второто - „Штедилница Торино“ кое постои десет години и создаде колекција на дела од современа уметност за да го зголеми нашето културно наследство на замокот Риволи, кој е музеј на современа уметност под покровителство на регионот. Колекцијата на уметнички дела на нашиот музеј е втора по важност во Италија за модерна уметност и прва за современа уметност.

Како ликовен критичар, што сметате дека е тенденција во уметноста во светот денес и, од друга страна, која е, според Вас, најважната мисија на еден современ музеј или галерија?

- Сложено и тешко прашање, бидејќи објективно верувам дека денес со глобализацијата тешко е да се идентификува главната линија-водилка на современата уметност. Со падот на идеологиите нема повеќе уметнички постери и толку многу луѓе кои сакаат да учествуваат во овие движења. Има речиси непосредно знаење за тоа што се случува во кој било дел од планетата и, според мене, луѓето тешко се ориентираат и како критичари, и како уметници.

Она што можам да го кажам е дека постои уметничка линија која го фокусира вниманието на социјалните прашања, како што се имиграцијата, судирот меѓу различни традиции, нетолеранцијата или толеранција меѓу различностите. Меѓутоа, тука се и оние кои мислат дека јазикот на уметноста треба да се обиде да задржи дистанција од овој вид проблеми и дека, пред сè, мора да се размислува да се пронајде нова форма на убавина. Понатаму, сето тоа сега се аплицира во различен вид на секакви можни начини на изразување и техники, тоа може да биде видео, инсталација, мешани медиуми, сè можно стана работна алатка. Сликањето, скулптурата сами по себе не се доволни и може да се создадат и сложени инсталации. Не постои традиција за идентификување на само еден хоризонт за современата уметност.

Што се однесува до вториот дел од вашето прашање, во нашиот случај – тоа е музеј на модерна и современа уметност, но исто така сме повикани да правиме историски изложби за периодите од 18-ти како и од 19 век, а исто така и на дела од современата уметност и на познати уметници. Еден музеј на уметност треба да се обиде да идентификува не само една, туку повеќе линии за да се има што поширока визија за што повеќе феномени, иако тоа сега е многу тешко.

Ние работиме и инвестираме во млади уметници преку доделување награди. Се избираат пет млади уметници под 35 години за специфичен проект кој е под надзор на постар ментор. Во нашиот музеј правиме изложби на слики од 1800-тите, на уметноста меѓу двете светски војни, изложби на модерна и современа фотографија, мораме да имаме што поширока визија, од гледна точка и на историјата, а не само на современоста и на она што го бараат нашите надлежни.

Хатка Смаиловиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2018 17:09