Графичкото триенале во Битола почна во 1994 година. Во светот ако некоја манифестација издржи повеќе од три изданија се смета дека е сериозна и дека добро котира во светски рамки. Битолското графичко триенале годинава се одржува по деветти пат. Тоа е културен настан што во своето организирање не бележи падови, туку напротив, постојано ги зголемува содржините, пораките и мотивите за да се учествува во Битола.

Владо Ѓорески, кустос-советник во НУ Завод и Музеј-Битола, стожер на графичкото триенале во овој град, вели дека тоа е донкихотско графичко триенале, како според концептот така и според начинот на кој опстојува неполни три децении.

- Концептот на битолското графичко триенале е донкихотски, затоа што сакавме да ги најдеме донкихотите по светот и со ризик да не бидеме дел од естаблишментот на манифестациите. Уметниците кои ги испратија своите дела знаеја дека за нас жиририрањето не е приоритет, ја отфрливме селекцијата затоа што никој нема право некого да исфрли од јавен настан, а друг да задржи. Овој наш став го поткрепувам со факти, бидејќи лично сум се уверил дека одредени автори кога жирираат често си ги избираат своите пријатели или соработници со кои имаат размена. Јас сум против тие непринципиелни односи, кои сериозно влијаат врз вистинскиот живот на уметниците, вели Ѓорески.

Потеклото, генезата на битолското графичко триенале, посочува Ѓорески, без никаква дилема се од љубљанското, како едно од најзначајните графички триеналиња во светот. Тоа триенале остава длабоки траги врз битолското.

- Еден од најдобрите графичари Димче Николов беше љубљански ученик кој заедно со Боге Димовски, и двајцата битолчани, се значајните автори и соработници на графичкото триенале во Љубљана. Станува збор за сериозно уметничко „зрачење“ кое најмногу ја „озрачи“ Битола. Таа Љубљана која плени со својата енергија која извира од центарот на градот каде што има еден 100-годишен споменик, на кој еден човек со меланхоличен поглед гледа кон еден прозорец каде што повремено се појавува неговата љубена (Прешерн за Јулија Примицова). Оваа метафора ја искажувам во смисла дека во светот, во градските центри, не се потребни коњички скулптури на маршали и генерали со кренати сабји бидејќи тоа, според мене, е идентификување на граѓаните со некаков повик за освојување кој не мора да е воен поход, тоа може да биде поход за власт, поход за материјално обогатување, за позиции, кариери... На светот му е потребна едноставноста, но, за жал, не е така, вели Ѓорески.

Тој додава дека анализирал и забележал дека најголемите графички манифестации во светот имаат некаков проблем.

Споредував, вели, од Кина до САД и забележав дека бројот на авторите е ист и речиси со исти автори. И не само што се поистоветуваат туку се случува еден парадокс дека во моментов во светот не само графичката туку и ликовната уметност се под голема контрола, односно контрола на големите корпорации. Се случува големи банки да откупуваат дела и да ги чуваат во сефовите, заедно со златото, да ја зголемуваат вредноста на делата, а потоа по извесен период да ги продаваат со поголема цена. За жал, уметноста во голема мера е во состојба на контрола и бизнис-инструментализирана. За среќа, вели Ѓорески, во Битола се случува спротивното.

Според него, овој мал град кој не е интересен за големите корпорации, барем засега, успева и успеа да привлече графичари од 167 држави во светот, автори кои никогаш и никаде нема да ги изложат своите дела ако не е оваа можност во Македонија.

- На графичкото триенале има автори од Африка, од држави кои се многу сиромашни. Нашиот концепт е да овозможиме и да докажеме дека вистинските автори, за некого анонимни, треба да најдат простор каде што ќе се погледне нивното дело. Од денешен аспект никој не може да каже кој од авторите во Битола ќе го победи времето, како ќе се развива, но најважно од се е дека им се дава шанса, затоа што работат со срце и душа и создаваат духовни, искрени вредности, истакна Ѓорески.

Светот знае за триеналето и го прифаќаат овој концепт. Уметниците учесници знаат дека Битола нуди можност нивните дела да не останат во нивните ателјеа. Графиката е тешка и макотрпна ликовна дисциплина во која нема грешки.

- Ние сме на крстопат. Нашиот избор е или-или. Или ќе тргнеме по патот на духовноста, на творештвото и вистинските вредности или, пак, ќе останеме на раскрсницата која води и кон пустина, кон материјален океан. За графичкото триенале не ги прифаќаме термините „манифестација“ и „проект“ бидејќи тие денес се многу корумпирани. Ние ги избегнавме естрадноста и помпезноста за овој културен настан, и настапуваме тивко и скромно. Ние свесно ги избегнуваме овие термини бидејќи мислиме и уверени сме дека битолското графичко триенале е антологија, која се повеќе се збогатува, база во која се застапени многу графичари. Станува збор за лица од сите страни на светот, па и од Намибија, бидејќи тие пренесуваат чувства во своите дела, дела кои ги вадат од себе, од внатре... работат без нарачка, туку според инспирација, рече Ѓорески.

Тој додаде дека годинава има и 10 графики на автори од Сирија, луѓе кои секојдневно се борат со животот и смртта, и во една таква состојба создаваат графики полни со духовност, пораки со верба, а со тоа тие воедно ја потврдуваат нашата определба дека битолското графичко триенале треба да биде антологија на човечката болка, верба, радост и поглед на иднината на друг начин.

Статистички, од почетокот до денес на графичкото триенале во Битола учествувале околу 5.000 автори, и тоа е импресивна база која всушност ја содржи таа антологија. За графичкото триенале се пишува во учебниците, а можеби најмногу пишува Паоло Чампини, професор во Фиренца и во Венеција, кој следниот месец лично ќе дојде во Битола да ги промовира своите графики. Чампини е голем пријател на Македонија.

- За графичкото триенале во Битола пишува и Андреј Бонжибо, значаен француски графичар кој работи во Академијата за убави уметности во Париз и кој редовно во наставниот процес говори за вредностите и впечатоците стекнати во Битола. Чртомир Фрелих од Словенија во образовниот процес ги користи нашите каталози како нагледни средства, и, според него, Битола го чува екстрактот на вистинската, оригинална графика. Обично се вели кога ќе ги извалкаш рацете со вистинска графика, не можеш да ги исчистиш, а денес многумина не сакаат да си ги извалкаат рацете и се прават дигитално. Но, Гутенберговата галаксија не може да се игнорира, бидејќи графиката потекнала од таа галаксија, вели Ѓорески.

За 9-то графичко триенале во Битола се објавени прилози во стручни списанија кои се печатат во Буенос Аирес, Порторико, Краков, Љубљана... и во други центри.

Марјан Танушевски



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2018 13:42