Кинематограферот Кјонг-Пјо Хонг од Јужна Кореја, е годинешен добитник на наградата „Златна камера 300“, највисоко фестивалско признание на ИФФК „Браќа Манаки“ кој синоќа заврши во Битола.

Пјо Хонг припаѓа насредната генерација јужнокорејски кинематографери, потпишал околу 24 кратки и играни филмови, а на фестивалот во Битола, меѓународното жири го награди за неговото мајсторство со камерата во филмот „Горење“.

- Најубава филмска приказна, прекрасно изведена во која со секое снимање со камерата се пренесува некакво чувство. Совршена комбинација на забава и уметност снимена на начин кој природно ја доловува приказната. Станува збор за одлично дело бидејќи Пјо Хонг со својата камера успеа да ја стави публиката во главата на главниот актер, истакна Олимпија Митилинеу, претседател на фестивалското жири и дополни дека при жирирањето и одлучувањето го имале предвид квалитетот на филмот и улогата на камерата како рамноправен учесник во сите елементи на филмската целина.

Кјонг-Пјо Хонг првиот филм, „Низок лет“, го снимил во 1998 година, а меѓу позначајните филмски остварувања на јужнокорејскиот кинематографер се и филмовите „Шампион“, „Братството на војната“, „Мајка“, „Прогонувачи“, „Лелекање“ и други.

На фестивалската сцена во Битола, „Сребрена камера 300“ беше врачена на францускиот кинематографер Ерик Готје, за филмот „Пепелта е најчисто бело“, а во кој главните актери говореа на кинески мандарински јазик, што предизвика дополнителен интерес кај македонската публика, додека пак, „Бронзена камера 300“ беше доделена на кинематограферот од Полска, Лукаш Жал, дел од екипата што го сними филмот „Студена војна“.

Според востановената традиција на ИФФК „Браќа Манаки“ беше доделена и „Мала камера 300“ за кинематографер што учествувал во снимањето на краток филм, а годинава со тоа признание се здоби Адрик Вотсон од Австралија.

На публиката и учесниците во организацијата на фестивалот јавно им се заблагодари директорката Гена Теодосиевска, а покана за учество на следното јубилејно издание, упати градоначалникот на Битола, Наташа Петровска.

- Овие денови имавме можности за многу дружење со филмаџиите, уметниците, кинематограферите и студентите кои се подготвуваат за влез во филмската индустрија. Посакувам спомените од овој престој во Битола да останат живи до следната година, кога со широки прегратки ние битолчани ве очекуваме на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, порача Петровска.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2018 08:03