По изборите за Бундестагот во 2017 година, демохристијаните и СПД беа ослабени, а десничарската АФД со речиси 13 отсто освоени гласови стана најсилна опозициска партија. Денес состојбата на традиционалните народни партии е уште потешка
Дојче Веле - Бон
Германската канцеларка Ангела Меркел за време на врвот на бегалската криза изјави дека со намалувањето на бројот на бегалци ќе се намалува и поддршката на граѓаните на Алтернативата за Германија (АФД). Но се излажа. На изборите на Бундестагот, АФД освои 12,6 отсто од гласовите и така стана најсилна опозициска партија. Но, тоа ни од далеку не беше се.
Сега во анкетите партијата ужива околу 15 проценти поддршка и делумно е пред Социјалдемократската партија на Германија (СПД), а на истокот на Германија е најсилна партија. Во тој дел на Германија во иднина ни „големите коалиции“ нема да бидат доволни за формирање влади.
Претседателот на подмладокот на Христијанско демократската унија (ЦДУ), Паул Зјемјак вели дека тоа води кон политика на краткорочни цели, како и на се почести судири во рамки на владината коалиција.
Во Бундестагот летаат пердуви како никогаш досега. Претседателот на АФД, Александар Гауланд ја обвинува владејачката СПД дека сака да ги замолчи критичарите на владината бегалска политика, на што социјалдемократскиот пратеник Мартин Шулц одговори дека Гауланд припаѓа на „ѓубриштето на историјата“.
Многумина бараат АФД да биде ставена под надзор на Службата за заштита на уставниот поредок, тврдејќи дека партијата ја загрозува демократијата. Но, таквите повици не го запреа подемот на АФД и континуираниот постепен пад на владејачките ЦДУ и СПД.
Но, од поместувањето на односот на силите на политичката сцена профитираа и Зелените. Во сите анкети тие сега добиваат меѓу 14 и 16 проценти поддршка, а во Баварија во пресрет на изборите за покраинскиот парламент, Зелените се втора партија според поддршката, далеку пред СПД.
Општеството е премногу шаренолико за народните партии
Дали големите народни партии го отслужија своето? Дали партискиот спектар постојано се зголемува? Што е причина за подемот на двете партии кои меѓусебно не можат да бидат поразлични?
Политиколозите се согласни во оценката дека во сепошареноликото општество партиите што сакаат да покријат голем политички спектар, повеќе не можат да привлечат луѓе од толку различни средини.
- Народните партии имаат потешкотии во претставувањето на живата општествена динамика, смета истражувачот на политичките партии Карстен Грабов.
За германскиот министер за внатрешни работи и политичар од редовите на Христијанско социјалната унија (ЦСУ), Хорст Зехофер проблемот е едноставен: прашањето за миграцијата е мајка на сите политички проблеми во земјата. Тој, како и многу други конзервативци, смета дека Меркел со својата либерална бегалска политика, ги преплашила гласачите.
- Десно од нас не смее да има никаква демократски легитимирана партија, е опомената на поранешниот баварски премиер Франц-Јозеф Штраус, која и натаму важи за актуелната канцеларка.
Крај на светот или нешто сосема нормално?
Политичките промени во Германија се толкави што се почесто се извлекуваат паралели со Вајмарската Република. Така, според политикологот Херфрид Мунклер, внатрешниот спор меѓу ЦДУ и ЦСУ околу бегалската политика претставува „лекомислено поигрување со политичката стабилност и кокетирање со минатато“.
Тој вели дека во поглед на европската политика концептот на народни партии е модел „кој го отслужил своето“. - На времето на народните партии ќе се сеќаваме со тага, вели Мунклер.
Карстен Грабов потсетува дека во некои европски земји соседи на Германија, партиските системи веќе подолго време се многу пофрагментирани во однос на германскиот, но и покрај тоа станува збор за стабилни демократии.
- Мораме одново да се ориентираме и се ќе стане покомпликувано, но не и помалку демократски. Народните партии би требало да престанат да кукаат поради неминовниот развој на настаните и да прифатат дека тоа се случува и да работат на формирање на нова реалност, вели Грабов.
Политикологот Волганг Меркел, кој е советник на СПД, смета дека за партијата дури би претставувало и предност доколку таа повеќе не им се обраќа на широките слоеви на населението. Тој оценува дека СПД би требало да се откаже од претензиите да биде народна партија и да се сконцентрира на одреден слој гласачи.
Повторен подем на Зелените
АФД за својот успех може да им заблагодари на темите како што се миграцијата и глобализацијата, од кои многу луѓе ги фаќа страв. Но, Зелените се повеќе се претвораат во либерален и отворен антипод на сето тоа. Тие од себе го симнаа тесниот корсет на еколошка партија и сега нудат комплетна програма за сите сфери од политиката.
- Програмски гледано Зелените се всушност народна партија, смета Карстен Грабов.
Зад оваа трансформација на зелените стојат кадровски промени. Новиот претседател на партијата Роберт Хабек не само што е попрагматичен од своите претходници туку е и вистинска ѕвезда: атркативен, пријателски тип, некој со кој човек со задоволство би отишол на пиво.
Но, Хабек знае и за свет надвор од политиката: има четири деца и пишува романи.
- Тој не е идеолошки заостанат како некои поранешни шефови на партијата. Кога имате добра програма тоа е половина успех. Но, потребен ви е и некој кој таа програма ќе може добро да ја продаде без да предизвикува загриженост. А тоа Хабек добро го прави, ја објаснува Грабов тајната на успехот на Хабек.
Со Хабек Зелените го добија она што им недостига на народните партии. Според Грабов, генералниот секратер на СПД Ларс Лингбаил можеби би можел да промени нешто, но имиџот на социјалдемократите едноставно не се продава повеќе.
- Што и да прават повеќе не се исплати, вели Грабов.
Кога пак станува збор за демохристијаните, според овој експерт, тие повеќе не знаат за што се, освен за меѓусебни караници.