Во тек е акција на грчкиот остров Евија за пронаоѓање и спасување на три лица, кои се водат како исчезнати по силното невреме предизвикано од циклонот „Зорбас“, што зафати делови од островот, додека пак во неколку општини прогласена е вонредна состојба.

Информацијата ја потврди генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Јанис Тафилис, како и префектот на периферијата Централна Грција, Костас Бакојанис.

- Сите сме излезени на улиците. Се бориме заедно со противпожарната служба и полицијата. Во општините Локри и Мантуди-Лимни – Агиа Ана е прогласена вонредна состојба. Во овој момент живееме во агонија за да ги најдеме нашите тројца сограѓани на Евија. Кон тоа ги насочивме сите наши сили. Голем апел до сите: да бидете внимателни и да избегнувате непотребни движења, напиша на неговата официјалната Фејсбук страна, Костас Бакојанис, префектот на областа Централна Грција

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според информациите во грчките медиуми, исчезнатите, во два одвоени случаи во околината на селото Мантуди, се превезувале со автомобили. Во првиот случај станува збор за повозрасна брачен двојка чии траги се губат уште од полноќ, а бил пронајден нивниот автомобил. Во вториот, се трага по 27-годишен маж кој имал проблеми со автомобилот, неговата сопатничка успеала да се спаси и да ги извести надлежните.

Грчката противпожарна служба, досега добила над 1.800 повици за спасување на луѓе и сечење на дрвја. На безбедно место, пожарникарите пренеле 182 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2018 17:12