Врз локал во северниот дел на Митровица, кај административниот премин Брњак, синоќа по полноќ било пукано од огнено оружје.

РТК на српски јазик објави дека станува збор за угостителски објект во кој вчера наминал косовскиот претседател Хашим Тачи, а сопственикот на локалот е од српска националност.

Веста за истрелите ја потврдил за агенцијата „КосовоПрес“, заменик директорот на косовската полиција за регионот Север, Бесим Хоти.

Тој истакна дека случајот бил пријавен утрово, а полицијата врши истрага за пронаоѓање на осомничените лица.

Општинскиот одбор на „Српската листа“ во Зубин Поток го осуди синоќешниот напад врз ресторанот „Кај Дражевиќ“, додавајќи дека тоа дополнително ги вознемирило Србите во северниот дел на Косово.

- Повторно нагласуваме дека насилството не смее да биде начин за решавање на политичките проблеми, а едностраните акции секогаш водат до дестабилизација на околностите на терен, се наведува во соопштението, апелирајќи до граѓаните да не наседнуваат на провокации и да го зачуваат мирот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2018 18:43