Претседателот на Стопанската комора на Косово Берат Рукиќи соопшти дека во последно време се забележува пораст на криминалот и на небезбедноста кај косовските бизниси, јави дописникот на МИА од Приштина.

Промовирајќи го Индикаторот за мерење на бизнис-климата, Рукиќи изјави дека во секој индикатор се забележува опаѓање, а влошување на состојбата на бизнисите посебно се забележува во второто тримесечие од годинава.

Според него, само 26 отсто од бизнисте очекуват зголемување на бројот на вработени, а најголеми пречки претставуваат нелојалната конкуренција, недостатокот од инвестиции и неформалната економија.

- Загрижува зголемувањето на бројот на грабежи и ние за овој проблем сме ги алармирале надлежните. Само од август до септември се случија седум грабежи на банки, а забележани се и голем број грабежи кај бизнисите во цело Косово, рече Рукиќи.

Тој не одговори на прашањето колку пари се украдени во овие седум грабежи, но нагласи дека Косово нема добар имиџ и ако продолжи вака тоа ќе резултира со повлекување на странските инвестиции.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2018 14:43