Турција воспостави многу блиски врски со Русија во многу сфери - од Сирија, па до туризмот - и сака и натаму да ги зајакнува односите со неа, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

- Ќе продолжиме да ги зајакнуваме нашите односи и да ја развиваме нашата соработка, изјави Ердоган.

Тој нагласи дека во минатото имало „многу провокации во односите меѓу двете земји“, но тие и натаму „продолжуваат да реализираат проекти од заеднички интерес“, посочувајќи ги како пример договорите што Анкара и Москва ги склучија на неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин на 17 септември во Сочи.

- Нашите напори во врска со Сирија дадоа резултати. Во Сочи се договоривме и потпишавме договори за воспоставување на демилитаризирана зона во Идлиб и за повлекување на екстремистите. Поради тоа, околу 60.000 Сиирјци се вратија во своите домови, истакна турскиот претседател.

Ердоган заклучи дека благодарение на својата политика за Сирија и договорите со други држави, Турција станала земја „чиј глас се слуша“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2018 16:28