Претседателот на Демокртатската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели реши да повлече тројца министри од редовите на неговата партија, со цел да ја „исчисти“ косовската Влада од луѓето блиски на претседателот на Косово и основач и доскорешен лидер на ПДК, Хашим Тачи, пишува порталот „Газета Експрес“.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, порталот тврди дека Весели, кој е и претседател на Собранието на Косово, се решил на ваков потег, поради „операцијата“ на Тачи во северниот дел на земјата, односно неговата ненајавена и изненадувачка посета на езерото Газивода, каде што го придружуваа неколку министри од редовите на ПДК.
Вештачкото езеро Газивода е на границата меѓу Косово и Србија, а по вчерашната „прошетка“ на Тачи со чамец, српскиот претседател Александар Вучиќ нареди подигнување на борбената готовност на Војската на Србија.
ПДК во Владата на Рамуш Харадинај и шест министри и тоа: за финансии, иновации и претпиремништво, правда, здравство, европски интеграции и култура.
Претходно денеска беше објавено дека министерот за правда Абељард Тахири им ја понудил својата оставка на премиерот Харадинај и на партискиот лидер Весели.
За сега нема информации кои се другите двајца министри од кои лидерот на ПДК побарал или ќе побара да поднесат оставки.