Министерот без ресор во Владата на Србија, задолжен за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ, изјави дека Европската унија не успеала како модератор да донесе успех во преговорите меѓу Белград и Приштина и дека сега е вистинскиот момент за враќање на прашањето за Косово „таму каде му е местото" - во ОН.
Поповиќ кој е во Москва како дел од српската делегација, изјави за ТВ-Прва дека може да се рече дека преговорите спонзорирани од ЕУ не успеале, и сега е вистинскиот момент да се врати прашањето за Косово во ОН и дека е неопходно да се реши проблемот со вклучување на САД, Русија и Кина.
Запрашан дали на тоа мислел и претседателот на Србија, Александар Вучиќ кога рекол дека од Путин ќе бара поддршка за Србија, Поповиќ нагласи дека претседателот веројатно говорел во широк контекст. Според него, Вучиќ веројатно детално ќе го информира Путин за тоа што се случи за викендот во Косово.