Ерменскиот претседател Армен Саркисјан потпиша укази за разрешување на шест министри по предлог на премиерот Никол Пашинјан, соопштија од неговиот кабинет.

Разрешените министри се членови на Ерменска револуционерна федерација „Дашнакцутјун“ и „Просперитетна Ерменија“.

Разрешени се министрите за вонредни ситуации Грачја Ростомјан, потоа првиот човек за енергетската инфраструктура и природни ресурси Артур Григорјан, за спорт и младински прашања Левон Ваградјан, за транспорт, комуникациски и информатички технологии Ашот Акопјан, министерот за економскиот развој и инвестиции Арцвик Минасјан, како и министерот за земјоделство Артур Хачатрјан.

Претходно, премиерот Пашинјан изјави дека тие министри ќе бидат разрешени, бидејќи нивните партии ги поддржаа законските измени, со кои се отежнува спроведувањето на предвремени избори побарани од претседателот на Владата.

Инаку, синоќа илјадници Ерменци се собраа пред Парламентот во Ереван на повик од премиерот Пашинјан, во момент додека пратениците дебатираа за законот со кој се спречуваат предвремените избори.

Ерменскиот премиер завчера истакна дека ќе поднесе оставка, а предвремените избори ќе се одржат во декември.

Пашинјан, кој стана премиер на 8 мај, сака да биде избран нов парламент додека неговиот рејтинг е се уште висок, со цел да може да ги спроведе своите реформи.

Следните редовни парламентарни избори во Ерменија се во 2022 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2018 10:51