Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и претседател на косовското Собрание Кадри Весели денеска стави точка на шпекулациите во медиумите за наводната смена на министри од редовите на неговата партија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели на денешната средба со бизнисмени, на која учествуваше заедно со министрите за финансии Бедри Хамза и иновации и претприемништво Бесим Беќај, рече дека ниту присутните, ниту пак министерот за правда Абељард Тахири, кој завчера понуди оставка, нема да бидат разрешени.
- Кога влегувавме тука го прашавте министерот дали поднел оставка. Како може да поднесе оставка еден храбар и решителен министер ? ... Јас сум многу задоволен што покрај себе имам луѓе кои вршат извонредна работа, рече Весели.
Лидерот на ПДК вчера нагласи дека за министрите од неговата партија одлучува единствено тој и партиското раководство и ниедна друга личност.
Во јавноста последниве денови се шпекулира дека Весели ќе смени тројца министри блиски на актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи, кој е и основач и доскорешен лидер на ПДК и за кој се смета дека се уште има големо влијание во партијата.