Ретроспектива на македонски филмови, со наслов „Панорама: Од ризницата на македонскиот филм“, од утре до 9 октомври ќе се прикажува во киното „Тушканац“ во Загреб.
Ќе бидат прикажани играни филмови на Кирил Ценевски („Црно семе“, 1971), Љубиша Георгиевски („Под исто небо“, 1964; „Цената на градот“, 1970; „Планината на гневот“, 1968), Столе Попов („Црвениот коњ“, 1981; „Среќна Нова ’49“, 1986), Димитрие Османли („Жед“, 1971), Бранко Гапо („Време без војна“, 1969), Бранко Бауер („Три Ани“, 1959) и Живорад Жика Митровиќ („Мис Стон“, 1958).
Манифестацијата ќе биде отворена со филмот „Колнати сме, Ирина (Татко)“ од 1973 година, на македонскиот актер и режисер Коле Ангеловски.
Иницијатори на претставувањето на македонската култура и кинематографија во Загреб и Хрватска се Сојузот на македонското национално малцинство на град Загреб и македонското културно друштво „Охридски бисер“, во партнерство со Кинотеката на Македонија и „Вардар филм“.
Изборот на филмови го направи уредникот на филмската програма на киното „Тушканац“, Марко Ројниќ. Гости на манифестацијата ќе бидат директорите на Кинотека и „Вардар филм-Македонија“ - Владимир Ангелов и Арсим Рамадани.