Портпаролот на меѓународните сили на Косово - КФОР, Винченцо Грацо, изјави дека косовскиот претседател Хашим Тачи може да го посети секое место во земјата и дека за тоа не му треба никаква дозвола од никого, јави дописникот на МИА од Приштина.

Главниот портпарол на КФОР изјавата ја даде по повод неодамнешната посета на Тачи на езерото Газивода, на границата со Србија, што предизвика остри реакции од страна на официјален Белград, а српскиот претседател Александар Вучиќ дури нареди подигнување на борбената готовност на Војската на Србија.

- Ние потврдуваме дека немаше никаки инциденти, никакво апсење, никаква воена операција и никаков напад од кого било. Тачи го посети тоа подрачје и во текот на посетата беше следен од тимот за заштита на значајни личности во рамките на косовската полиција, изјави Грасо за сајтот „Демостат“.

Грасо потврди дека КФОР не бил од претходно известен за посетата, но нагласи дека „господин Тачи, како највисок косовски институционален лидер, е слободен да се движи каде било низ Косово“.

- Косовската полиција не мора да праша никого за каква било дозвола за да оди на северот на Косово, така што тие не прекршија никакво правило, рече портпаролот на КФОР.

Тој нагласи дека е точно тоа што го изјави српскиот претседател Вучиќ дека Безбедносните сили на Косово (ФСК) треба да побараат дозвола од КФОР за да одат на север, но дека „ниту ФСК, ниту каква било паравојска или специјални единици не го следеа Тачи в недела, како што јавија некои медиуми“.

Грасо додаде дека ситуацијата во Косово е мирна и под контрола и дека КФОР ги повикува сите страни да ги намалат тензиите на најниско ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2018 18:42