Литургија во спомен на загинатите во катастрофалните пожари од 23 јули, одржа вселенскиот патријарх Вартоломеј, во Мати, односно на плажата каде што голем број лица го загубија животот. Веднаш по завршувањето, во морето фрли букет бели ружи.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на литургијата присуствуваа градоначалниците на општините кои беа зафатени од пожарот, но и семејствата и роднините на загинатите.
Вселенскиот патријарх поразговара со нив и рече дека нивната болка е огромна и им е потребна поддршка, а негова должност била да го посети Мати.
-Болката е голема, не е време за многу зборови. Време е за молитва и поддршка. Сметав дека е моја должност да дојдам, не можев да не дојдам да ја исполнам оваа должност за почит на споменот на жртвите, рече вселенскиот патријарх Вартоломеј.