Жителите од српска националност во косовскиот град Ораховац се жалат дека група албански момчиња со денови ги малтертираат српските деца кои се играат на игралиштето во горниот дел на градот и на просторот пред локалната црква, јави РТВ КиМ.
Поради тоа, како што јавува дописникот на МИА од Приштина, родителите покренале петиција, со која бараат од косовската полиција да им ги заштити децата.
- Од вербални напади, преку пцости и различни навреди, од пред два дена нападите се претворија во закани со „метални боксери“, се вели во писмото упатено до претставниците на полицијата и општината Ораховац.
Родителите го наведуваат случајот на приведување на едно младо момче од српска националност, кое, како што велат, во одбрана на својот брат и останатите деца, оттурнал и удрил едно момче кое им се заканувало со „боксер“. На пријава на родителот на удреното момче, полицијата го привела, а потоа го пуштила момчето од српска националност, изјавија родителите за РТВ КиМ.
Игралиштето во Ораховац веднаш по завршувањето на војната во 1999 година, го изградила привремената меѓународна управа во Косово УНМИК, за да им обезбеди на изолираните деца и млади од српска националност простор за рекреација и забава.
Меѓутоа, според потписниците на петцијата, ова игралиште се помалку го користат тие на кои им е првенствено наменето, срспките деца, кои од игралиштето секојдневно ги бркаат други момчиња и млади кои доаѓаат од другите делови на градот.
- Со цел да се спречат слични инциденти и со цел зачувување на мирот и стабилноста во нашиот град во кој децата би можеле слободно да се играат и да растат, молиме до итна реакција, за да не се случи со нечија погрешна реакција да дојде до судири со потешки последици, се вели во писмото кое денеска ќе им биде доставено на надлежните органи.