Завршната презентација на проектот „Стар современ град“ се одржа синоќа во Сули ан, со поддршка на Министерство за култура и Град Скопје.
Проектот, кој на публиката ѝ овозможи уникатно визуелно искуство, е на Матеа Дрецкин, кој е негов концептуален и идеен автор, а е реализиран со соработка со визуелните уметници Борис Ристевски, Сермедије Бериша и Ивана Мојсовска.
- Среќен сум со реализацијата на проектот на кој работевме посветено и во кој вложивме многу љубов. Како млади уметници ќе продолжиме со ваквите проекти и активности кои позитивно влијаат врз уметничката сцена и културната матрица во Македонија, изјави Дрецкин.
Дел од сложувалката на „Стар современ град“ во Лавиринтот на Дрецкин беше и присуството на современите танчери Бобан Русески, Јована Зајкова, Тереза Лазарев и Сара Цветковска од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, во кореографија на Адријана Данчевска, кореограф и танчер при Скопје танцовиот театар. Амбиентот беше дополнет со музика креирана од музичарот Тома Димовски.