Светска банка не гледа никаков ризик доколку српската компанија „Телеком Србија“ стане сопственик на албанската компанија „Телеком Албанија“.

За претставничката на СБ во Албанија, Хилда Шијаку, значајно е компанијата да ги следи правилата на пазарот.

- Важно е да се следат правилата и конкуренција на пазарот и да бидат надгледувани од домашните власти. Што се однесува до промената на капиталот не гледаме никаков ризик, истакна Шијаку на презентацијата на извештајот на СБ за Западен Балкан.

Албанските медиуми, повикувајќи се на владини извори синоќа јавија дека за албанската Влада не е прифатливо „Телеком Србија“ да биде сопственик на „Телеком Албанија“ поради можните реакции од политичка природа.

На средбата што ја имале во албанското Министерство за инфратруктура, на претставниците на „Телеком Србија“, им било кажано дека иако „српските инвестиции се важни за Албанија“, сепак нивното присуство на албанскиот пазар би можело да создаде проблеми како последица од можните реакции од политичка природа. Тие сепак додале дека одлуката е меѓу компаниите и тука Владата нема влијание.

За „Телеком Албанија“, кој е втор најголем оператор во Албанија се заинтересирани и две бугарски компании но „Телеком Србија“ понудил 60 милиони, што се смета за најповолна понуда.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2018 15:31