Меѓународниот секретар на владејачката Српска напредна партија (СНС), министерката за евроинтегрции Јадранка Јоксимовиќ, денеска во Белград разговараше со интернационалниот секретар на најголемата опозициска партија во Грција, Нова демократија, пратеникот Јоргос Кумуцакос за соработката на двете партии, процесот на евроинтеграција на Србија, како и за актуелните состојби во регионот.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јоксимовиќ и Кумуцкакос оценија дека меѓупартиските односи се развиваат во вистинска насока, како и дека постои заедничка желба во иднина тие да се зајакнат и понатаму да се развиваат преку меѓупартиската соработка во рамките на Европската народна партија, на која и припаѓаат и Српската напредна партија и Нова демократија.
Кумуцакос ја потврдил подготвеноста на Нова демократија да го поддржи процесот на евроинтеграциите на Србија и нејзиниот пат кон полноправно членство во ЕУ и во Парламентот на Грција и во европските институции.
Покрај тоа, тој ја потврдил и позицијата на неговата партија да не ја признава независноста на Косово, што воедно претставува и официјална позиција на Грција.
Министерката Јоксимовиќ во разговорот со Кумуцакос истакнала дека посетата на Белград на претседателот на Нова демократија Микотакис во 2016 година значително придонела за воспоставување на дополнителни контакти и зајакнување на соработката на високо ниво со Србија.
Јоксимовиќ и Кумуцакос денеска ќе учествуваат на Самитот ЕУ-Југоисточна Европа, што се одржува во Белград, во организација на магазинот „Економист“.
Кумуцакос се сретна и со српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, при што станало збор за актуелните движења во регионот и е изразен силниот интерес и определба на Србија и на Грција максимално да влијаат на сите процеси кои придонесуваат за стабилност на регионот.