Активисти и поддржувачи на ЛГБТИ заедницата во Косово на 10 октомври по вторпат ќе организираат Парадата на гордоста во Приштина, која се одржува во рамките на „Неделата на гордоста“, што започнува утре, јави дописникот на МИА од Приштина.

Парадата ќе се одржи во центарот на Приштина, во пешачката зона, со почеток во 11:30 часот, а ќе финализира со пригодни говори и со концерт на платото кај хотелот „Гранд“.

Минатогодишната, прва Парада на гордоста во Косово, се одржа на истиот ден, како и годинешната и беше подржана од државни раководители и јавни личности.

Претходните три години во Приштина беа организирани маршеви на припадниците и поддржувачите на ЛГБТИ популацијата. Сите овие манифестации поминаа без посериозни инциденти и само со помали јавни демонстрации на противниците на ваквите собири на геј-популацијата.

Парадата на гордоста, која годинава се одржува по мотото „Во име на слободата“, има за цел подигање на јавната свест, јакнење на положбата на припадниците на ЛГБТИ заедницата и прифаќањето од страна на општеството на лицата со различна сексуална и полова ориентација.

Организатори на парадата се Центарот за развој на општествените групи (ЦСГД) и Центарот за слобода и еднаквост (ЦЕЛ).



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2018 16:46