Минатогодишната шампионка на финалниот турнир на ВTA, Каролин Возњацки и чешката тенисерка - Петра Квитова, си ги загарантираа местата за овогодинешното издание на турнирот, што ќе се одржи на крајот на месецот во Сингапур. Двете се приклучуваат на Симона Халеп, Анжелик Кербер и Наоми Осака, кои веќе се квалификуваа за натпреварите предвидени за периодот 21-28 октомври, објавија ВТA. - Да го освојам финалниот турнир на ВTA минатата година беше вистинска награда, а во исто време признание за мојот напредок. Оваа победа тогаш ми помогна за моето претставување и во оваа сезона. Гледам напред и ќе дојдам во Сингапур, за да ја бранам титулата, вели Возњацки. Тенисерката од Данска го обезбеди успехот на турнирот по денешната победа со 7:5, 6:4 над Естонката, Анет Контавеит во Пекинг. Чехињата Квитова, која го освои истото финално издание на ВТА во 2011 година, се рангира првпат од 2016 година. Најдобрите осум натпреварувачи ќе поделат награден фонд од седум милиони долари, а за победникот предвиден е и трофејот Били Џин Кинг.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2018 17:58