Валентино Роси смета дека неговиот тим Јамаха не може да си дозволи да се задржи сегашната форма во Мото ГП и да не презема доволно сериозни мерки за решавање на техничките проблеми.

Конструкторот веќе ја има најдолгата серија без победа во кралската класа поради проблемите со електрониката. Во исто време, конкурентите од Хонда и Дукати покажуваат одлична форма и постојан развој.

- Ситуацијата е многу тешка и нема да е лесно за тимот да се опорави. Она што ми дава надеж е дека Јамаха не може да си дозволи да остане на ова ниво. Јас се обидувам да направам сé што можам, за да го мотивирам својот тим, бидејќи е очигледно дека треба да направиме нешто поинакво, нешто повеќе, прокоментира „Докторот“.

Валентино има договор со Јамаха до сезоната 2020.

- Многу е тешко да продолжиме во тој дух. Веќе им го реков на шефовите тоа. Наместо да стартуваме со мислата за победа или барем подиум, ние го правиме тоа со надеж за шесто или седмо место. Тешко е да ја задржиме мотивацијата, кога целта ни е таква, смета Италијанецот.

Уште пред дебито на Гран При на Тајланд во Мото ГП, Роси не верува дека новата патека ќе биде удобна за М1 поради неколкуте долги правци.

- На хартија се чини дека ќе биде тешко, бидејќи трасата не е многу добра за М1. Ние направивме тука тест во февруари. Не беше особено успешен, но сепак ќе се концентрираме и ќе дадеме се од себе, заврши Роси.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2018 18:08