Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави синоќа дека го поддржува договорот меѓу Скопје и Атина, но дека не го потценува народот во Македонија кој според него, испратил јасна порака.
- Сметав дека договорот е добар и тоа го сметам и денес. Сметам дека секој договор е многу важен за народот на обете земји. Ние не се мешавме во внатрешните работи на двете држави, иако и јас како претседател и Владата го поддржаа договорот, рече Вучиќ на прес-конференцијата по средбата со известителот на Европарламентот Дејвид Мекалистер.
Тој, меѓутоа рече, дека не е слеп за да не гледа што се случило и која е пораката на народот, пренесува Танјуг.
- Народот во Македонија донесе јасна и недвосмислена одлука и нема, како некои други да ја игнорирам, рече Вучиќ.
Тој уште изјави дека посакува се најдобро и успех на Македонија и Грција, бидејќи, како што рече, станува збор за два братски народи.