Археолозите од Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на град Штип од денеска почнаа со конзерваторски истражувања на објектот кој за штипјани е познат како црквата Свети Илија или Хуса Медина пашина џамија. Директорот на ЗЗС и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов појаснува дека станува збор за истражувања што им се потребни да направат проект за реставрација на објектот, а средствата ќе ги бараат од Министерството за култура или од европските фондови.
- Знаеме дека во последните педесеттина години овој споменик навистина беше запуштен. Се дојде на ред да се направи овој проект, бидејќи навистина е во руинирана состојба. Затоа се појави и потребата да направиме ваков проект, со кој што сакаме да направиме конзервација на објектот во постоечката форма. Во моментов се изведуваат конзерваторски истражувања, за да се види статиката на овој објект, потоа ќе се направата гео-механички истражувања и на крајот ќе финализира проектот, со кој сакаме да го зачуваме во изворна форма, вели Штерјов.
Објектот постои веќе пет века и досега во него не се вршени никакви интервенции, се споменува и во патеписите на Евлија Челебија, а жителите на Штип без разлика на верската определба го посетуваат и е симбол на соживотот и толеранцијата. Штипскиот Музеј има за цел овој споменик на културата од втор степен да го отвори за граѓаните и да користи за културни настани. Обраснат е со трева и дрвја, а од него веќе паѓаат и камења. Затоа е потребно што е можно побргу и да се заштити, односно да се реставрира. Пред неколку години беше и мета на нелегалните истражувачи, кои со специјални апарати бараа скриено богатство.
Директорот на Музејот, Штерјов истакнува дека токму со проектот ќе се решат сите проблеми околу овој објект, во 1950 до 1955 година и бил Музеј.
Смета дека е и интересен и за туристите, бидејќи е поврзан и со низа легенди и приказни, кои ги раскажуваат повозрасните штипјани.