Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, во врска со вчерашната изјава на претседателот на Стопанската комора на Косово Берат Рукиќи за визната либерализација, рече дека Рукиќи „соли памет“ и нема познавања за процесот на либерализацијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

- Овие што солат памет, како оној од Стопанската комора, нека се занимаваат со бизниси, нека дојде да побара што можеме да му помогнеме за да се развие приватниот сектор. Мислам дека влегуваат во теми кои не ги разбираат. Тој не ја знае таа тема подобро од нас, изјави Харадинај за „Косовапрес“.

Во објава на Фејсбук, која во меѓувреме ја избришал, Рукиќи вчера оцени дека реално визната либерализација не може да се очекува пред почетокот на 2020 година.

Според него, во Советот на Европа не се ставаат на гласање прашања за кои нема целосен консензус на моќните земји во Европската унија (ЕУ).

- Има две земји со извонредна моќ во ЕУ, кои поради една или друга причина, се противат на либерализацијата на визите за Косово: Франција и Холандија. Во Советот, сличните прашања во ниеден случај не се ставени на гласање доколку нема консензус, посебно од земјите кои имаат моќ. Најреална опција за ефективна либерализација е почетокот на 2020 година, напиша Рукиќи.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2018 12:53